Заедно за животните - заедно за граѓаните !






„ЗАЕДНО ЗА ЖИВОТНИТЕ, ЗАЕДНО ЗА ГРАЃАНИТЕ!“ е коалиција од здруженија за заштита на животни, неформални групи и граѓани активисти за правата на животните, која се стреми кон воспоставување соработка, партнерство, заедничко дејствување и синхронизирана борба за правата на животните во Република Македонија.

Коалицијата „ЗАЕДНО ЗА ЖИВОТНИТЕ, ЗАЕДНО ЗА ГРАЃАНИТЕ!“ има за цел да придонесе кон поврзување и зајакнување на улогата на здруженијата за заштита на животните преку зголемување на нивните внатрешни капацитети, подобрување на вештините за мобилизација на јавноста и поттикнување меѓусебна соработка со јавноста, сè со цел да станат релевантни субјекти во креирањето на јавните политики кои ќе влијаат врз одлуките и стратегиите на локалните власти при решавањето на прашањата кои ги опфаќаат животните, љубителите и сопствениците на животни, како и прашањата кои ја засегаат севкупната јавност.

Зголемувајќи ги нашите знаења, соработка и влијание ќе придонесеме кон демократизација и хуманизација на македонското општество: демократизација зошто ние, здруженијата за заштита на животни ќе станеме влијателни учесници во креирањето на политиките кои сите нè засегаат; хуманизација, зошто ќе влијаеме врз колективната свест на населението во однос на животните како чувствителни и интелигентни битија, сами по себе значајни и вредни, кои заслужуваат да живеат слободно, на начин карактеристичен за нивниот вид. Промената на перцепцијата и навиките ќе придонесе за нашето колективно добро и заштита на луѓето, животните и средината во која живееме. „ЗАЕДНО ЗА ЖИВОТНИТЕ, ЗАЕДНО ЗА ГРАЃАНИТЕ!“ ја иницира здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ (Скопје), поддржано од здруженијата „Гласот за животните“ (Велес), „Мали Херои“ (Битола), „Анималиа“ (Охрид), „Animal world“ (Струга) а од 2016 и од Аними Реино (Гевгелија). Истата е овозможена во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го имплементира Фондацијата Отворено општество - Македонија, а кој го реализира здружението „Анима Мунди“, во соработка со наведените здруженија, партнери во проектот.

***

Борбата за правата на животните бара пред сè љубов кон животните, бара цврсти убедувања и континуиран ентузијазам, бара труд и посветеност, синхронизираност, храброст, едуцираност и соработка. „ЗАЕДНО ЗА ЖИВОТНИТЕ, ЗАЕДНО ЗА ГРАЃАНИТЕ!“ ги повикува и охрабрува сите заинтересирани лица да нè контактираат и да се приклучат во оваа борба.



Aнима Мунди - Скопје Гласот на животните - Велес Мали Херои - Битола
Анималиа -Охрид Animal Word - Струга Втора Шанса - Кочани
Аними Реино